Во која од програмските активности на МладиХаб учествувавте и зошто одлучивте да се пријавите?

Јас сум Марија Башеска и учествував во програмата за практиканство на МладиХаб. Одлучив да се пријавам бидејќи летото ми беше слободно, и изгледаше како добра можност за унапредување на моите професионални вештини. Особено сакав да научам повеќе за финансиското и административното работење во една организација.

Какво беше вашето искуство за време на програмата и како ви помогна за вашиот личен и професионален развој?

Тие два месеци беа прекрасно искуство, за време на кои ја согледав енергијата и атмосферата за тоа како е да се работи во една динамична организација како НМСМ со млади луѓе и тимски дух! Секој ден имав различни активности и задачи, што сосема ми прилегаше на мојот начин на работа. Во склоп на работата стекнав искуство со контактирање на јавни институции, до кои испраќав барање за пристап на информации од јавен карактер. Исто така, креирав дизајни кои беа споделувани на социјалните мрежи. Како најзначајна новина ми беше финансиското и административното работење преку кое научив да архивирам документи, да подготвувам договори и да плаќам фактури. Овие разнолики вештини ги научив со тоа што имав можност да учам и работам со буквално секој член од тимот. 

Дали повторно би биле дел од ваква програма и што имате да им порачате на младите во однос на учествување во вакви програми?

Со задоволство би учествувала на ваква или слична програма повторно. Им порачувам на младите активно да бараат можности за унапредување на личните вештини и постојано да учат нови работи. Вакви искуства даваат тврди вештини што остануваат со вас засекогаш, но и преглед во потенцијална идна кариера што може да ве информира дали сакате дополнително да се вложите или да барате нешто малку поразлично.