Моето искуство со МладиХаб е многу позитивно во секоја смисла на зборот, почнувајќи од комуникацијата, па сè до организацијата на обуките и спроведувањето на истите. Јас, Даниела Нестороска, присуствував на три од понудените обуки: дигитален маркетинг во соработка со Brainster, продажба и продажни вештини во соработка со економски факултет и анализа и статистики на податоци во MS Excel во соработка со СЕМОС едукација. Мојата општокорисна работа беше превод на истражување од македонски на англиски, изработка на заштитна маска и чистење на три јавни површини во мојот град.


Како тоа што сте го научиле на обуката ви користеше (работа, проект, училиште и слично)?

Како апсолвент на факултетот за психологија во склоп на Филозофски факултет при УКИМ, она што го научив на обуките во моментов најмногу ми користи во процесот на изработка на истражување за мојот дипломски труд, но несомнено многу ќе ми користи и понатаму во животот, независно од тоа дали ќе се вработам соодветно на професијата или не, бидејќи содржините и алатките што ги изучувавме се неопходни за речиси секое работно место - особено сега, во оваа дигитална ера.


Дали повторно би присуствувале на обуките на МладиХаб?

Земајќи го во предвид веќе споменатото, дефинитивно повторно би присуствувала на некоја од обуките што МладиХаб ги организира. Моето искуство извршувајќи општокорисна работа беше: Исто така позитивно беше и моето искуство извршувајќи ја својата општокорисна работа. Тоа искуство беше и многу попродуктивно од тоа што претпоставував дека ќе биде бидејќи додека го преведував истражувањето, ја изработував заштитната маска и додека собирав отпадоци, јас всушност правев и неколку други активности: истовремено го вежбав својот речник и го усовршував познавањето на англискиот јазик, научив да шијам и давав свој придонес за мојот град да биде почисто место за живеење.

Благодарение на МладиХаб, добив уникатна можност да се надоградам себеси од едукативен аспект во областите коишто дополнително ме интересираа. Не само што бев мотивирана да бидам општествено поодговорна од што дотогаш сум била, туку и се развивав себеси и на професионален и на личен план.
Затоа одлучив да го споделам своето искуство на овој начин, со цел јавно да им се заблагодарам на МладиХаб и нивните соработници за иницијативата, за нивната ангажираност и за сите можности што нѝ ги нудат нам младите, но и со цел да ги мотивирам оние индивидуи коишто сè уште размислуваат дали да се пријават или не - да го направат тоа што побрзо, бидејќи времената инвестиција во нивната доедукација преку посетување на ваквите обуки е една од најдобрите инвестиции во својата иднина што би можеле да ја направат.