Во рамки на проектот „МладиХаб - градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” на 29ти март во Штип ќе се отвори првата регионална МладиХаб канцеларија.
Новата канцеларија ќе биде во просториите на Центарот за култура „Ацо Шопов” и ќе служи како простор за работа, вмрежување и организирање на активности кој бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот. Воедно, МладиХаб, Штип ќе биде и место каде младите ќе можат да се информираат за тековни проекти, мерки и активности наменети за помош и поддршка за млади.
„Уште од самиот почеток на проектот, целиме да го прошириме опфатот на нашите активности кон што повеќе региони со цел да вклучиме млади од цела територија на државата.” - велат од Националниот младински совет на Македонија
Првата МладиХаб канцеларија во Скопје е во функција повеќе од 2 години и секојдневно се користи од страна на младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани. Дополнително, Националниот младински совет и организациите-членки го користат хабот за да организираат настани и активности за вмрежување наменети за млади лица.
„Веруваме дека и оваа канцеларија ќе донесе многу нови можности кои ќе помогнат да се премости јазот помеѓу младите во Источниот регион и локалните институции и организации кои сакаат да ги поддржат.” - појаснија од НМСМ
Настанот ќе го отворат претставници на Националниот младински совет на Македонија, Британската амбасада во Скопје, Општина Штип и Центарот за култура „Ацо Шопов”.
По официјалното отворање се предвидуваат активности за вмрежување на младите во Штип со релевантни институции и организации. Предвидени се четири pop-up corners каде посетителите ќе имаат шанса да разговараат со претставници од CEED Hub Skopje, Центарот за вработување во Штип, Координативното тело на Erasmus+ програмата при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и локални граѓански организации кои ќе ја претстават својата работа и можностите кои ги нудат за млади. Настанот ќе заврши со настап во живо на бендот „The Ringtones“.
Повеќе за проектот:
Проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” има за цел да придонесе кон професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции прилагодени на потребите на пазарот на труд. Проектот го спроведува Национален младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Skopje, благодарение на финансиската поддршка од Британската амбасада во Скопје.