Во потрага сте по работа? Но, не сте сигурни кои чекори треба да ги превземете? Не грижете се. Ние сме тука да ви помогнеме на вашиот пат кон вработување. Прочитајте како да подготвите за барање работа во 6 лесни чекори.
1. Воведување во евиденција
Најпрво осигурајте се дека сте евидентирани во листата на невработени лица во Агенцијата за вработување.Сѐ што треба да направите е да понесете со себе лична карта и диплома од завршено образование во Агенцијата за вработување.
2. Индивидуално и групно советување
Доколку за прв пат сте евидентирани во регистарот како невработени лица, следен чекор е интервју со вработени во Агенцијата за вработување, кои вршат профилирање на вашата вработливост, користејќи прашалник и индивидуални планови за вработување. Агенцијата за вработување исто така нуди групно советување во форма на професионална ориентација или кариерното советување со цел подобро планирање и управување со сопствениот кариерен развој, помош при изборот на професија, како и дополнителна поддршка при процената на сопствените потенцијали за вработување и нивно усогласување со реалните потреби на пазарот на трудот.
Националниот младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub исто така нуди програма за кариерно советување за млади. Повеќе инфомации за програмата можете да прочитате тука.
3. Напишете кратка биографија за себе
Доколку не сте сигурни што да вметнете во вашата кратка биографија, можете да ги погледнете нашите објави на МладиХаб за совети за пишување на CV, како да напишете добро мотивациско писмо, како до успешно интервју за работа, како и најчесто поставувани прашања за интервју и како да ги одговорите.
4. Креирајте профил на LinkedIn
Биографијата што ја креиравте можете да ја објавите и на LinkedIn. На оваа социјална мрежа, имате можност да се поврзете со личности кои работат во областа која ве интересира, да изградите мрежа на контакти, како и да најдете огласи за работа. Доколку имате некоја дигитална вештина, можете да ја тестирате истата и да ја прикажете на вашиот профил. Доколку поседувате основни вештини за веб дизајн, можете да направите и сопствена веб страница на која ќе го истакнете вашето искуство.
5. Стекнување искуство
Не сте сигурни што да ставите во вашата биографија? Размислете за активностите во кои сте учествувале изминатите години, без разлика дали биле платени или не. Волонтерското искуство е значајно за развој како на индивидуално, така и на професионално ниво. Еден начин да ја збогатите вашата биографија е да волонтирате во граѓанска организација или пак да се вклучите на еднодневни акции за заедницата.
6. Информирајте се за бесплатни обуки
Разгледајте какви можности за дообучување нуди Агенцијата за вработување и редовно прегледувајте ги активните мерки на нивната веб страница. Дополнително, истражете онлајн пратформи кои нудат курсеви и обуки за знаења и вештини кои ве интересираат и преку кои можете да ги надоградите вашите дигитални вештини. Неколку такви платформи се:
-
EdX
-
Coursera
-
Udemy
-
Skillshare
-
Udacity
-
CodeAcademy
-
FutureLearn
-
KhanAcademy
За крај, доколку веќе сте аплицирале на неколку места, не се обесхрабрувајте. Не заборавајте редовно да прегледувате нови огласи и продолжете да учите и да се надоградувате!
Следете нѐ на профилите на социјалните мрежи за да бидете во тек со најновите можности и активности! Можете да нѐ најдете на фејсбук страницата на МладиХаб, инстаграм и на твитер.