Што се саеми за вработување?

Саеми за вработување се настани на кои присуствуваат компании кои имаат отворени работни позиции со цел да ја промовираат својата работа, култура и можностите кои ги нудат. Ваквите саеми се посетувани од индивидуалци кои во моментот бараат нова работа, како и нови можности за развојот на нивната кариера.

Саемите за вработување се одлична прилика за запознавање со работата на повеќе компании од еднаш и за вмрежување со потнцијални работодавачи.
Овие настани се доста различни од класичните интервјуа и најчесто вклучуваат повеќе активности преку кои компаниите и барателите на работа можат подобро да се запознаат.
Саемите за вработување се најчесто посетувани од млади лица кои штотуку го завршиле образовниот процес, како и лица кои размислуваат за промена во кариерата. Во секој случај, ваквите настани истовремено нудат многу можности, прилики и бенефиции за младите кои бараат работа, како и за компаниите кои бараат нов кадар.



Зошто да учествувате на саем за вработување?

Како што веќе кажавме - саемите за вработување имаат доста различна динамика од типчните средби помеѓу работодавачи и баратели на работа. Токму затоа, овие настани носат и многу предности за барателите на работа. 

Во продолжение, издвојуваме 5 причини зошто да учествувате на саем за вработување.


1 - Ќе откриете многу нови можности преку вмрежување.

Саемите за вработување се одлична шанса за да се запознаете со повеќе компании од вашата индустрија и да разговарате очи-во-очи со нивните претставници.
Дури и да не резултира со вработување, посетата на ваков настан е одлична можност за вмрежување и запознавање со динамиката и културата на компаниите кои ве интересираат.


2 - Ќе искусите професионални средби во опуштена атмосфера.

Бидејќи станува збор за големи настани на кои најчесто присуствуваат голем број на луѓе, запознавањата не се многу формални и разговорите се поопуштени. Како резултат на оваа атмосфера, баратели на работа, особено оние кои за прв пат бараат работа се чувствуваат поудобно и опуштено и имаат помалку трема.

3 - Ќе ги надградите вашите вештини.

Покрај можноста за вмрежување со компании, саемите за вработување често вклучуваат и семинари, обуки и работилници на кои посетителите можат да ги надградат своите вештини. Дополнително, посетителите можат и да се информираат кои вештини се најмногу барани од страна на компаниите и да се фокусираат на нивно надградување. 

 

4 - Ќе научите како подобро да ја претставите вашата професионална страна.

Саемите за вработување се одлична можност да повежбате на вашето професионално претставување. Бидејќи ќе имате прилика да зборувате со претставници од повеќе компании, ќе начите да се претставувате поопуштено и посамоуверено и ќе учите од минатите грешки. Дополнително, овие настани се одлична шанса да побарате искрен фидбек за вашето CV, вештини за интервјуирање и целокупното претставување со цел да поработите на вашите слабости во иднина.
 

5 - Ќе добиете понуди за интервју и вработување.


Доколку оставите добар впечаток и им се допаднете на претставниците од компаниите, има големи шанси да добиете покана за интервју, па дури и да го спроведете интервјуто на самиот саем. Дури и да не е тоа случајот, добар впечаток значи и шанса да добиете повик од компанијата понатаму или пак солидна препорака.
Ова се само дел од причините заради кои вреди да се присуствува на саем за вработување.

Доколку ве убедивме дека присуствувањето на ваков настан е вредно искуство, прочитајте нешто повеќе за Регионалниот младински саем за вработување кој го организираме на 28.02.2022 во Скопје и за активностите и можностите кои ги нуди за млади.

Рокот за пријавување е 20.02.2022!

Среќно!