На конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“ на тема „Кое е твоето чудо?!“, организиран од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Стела, пристигна значителен број стрипови кои се во трка за престижните награди.
Изложба на пристигнатите дела ќе се одржи на 18 октомври 2024 година, со почеток во 11:00 часот, во Центар Јадро. Во рамки на изложбата, ќе бидат прогласени победниците и ќе се доделат сертификати и дипломи на сите учесници. Наградите ќе ги додели Британскиот амбасадор во Скопје, Н.Е Метју Лосон.
Овој конкурс има за цел да ги прикаже различните аспекти на борбата за родова еднаквост преку уметност. Стриповите кои пристигнаа имаат мисија да поттикнат дискусии, да ги разбијат родовите стереотипи и да инспирираат промени кон поправедно и инклузивно општество. Без разлика дали се работи за лични приказни, општествени размислувања или имагинативни наративи, учесниците ги изразуваат своите уникатни перспективи и искуства.
Вкупниот награден фонд за конкурсот изнесува 85.000 денари. Жирито кое ги оценуваше стриповите е составено од:
- Оливер Андреевски и Теодора Милеска од НМСМ и Стела
- Mike Mclester, британски професор по англиски јазик и стрип-уметник
- Нада Прља, професионална уметница и универзитетска предавачка од областа на уметноста
Конкурсот е дел од проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Македонија“, кој се реализира од НМСМ и Мрежата Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје. Проектот е посветен на рушење на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество.
Насловните страници на стриповите на пријавените учесници се достапни на следниот линк – насловни страници.