Во моментов Агенцијата за вработување има 3 активни мерки кои се објавени на нивната веб страница.
1. Обука на работно место за познат работодавач
Оваа мерка е наменета за евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во мерката Обука на работно место за познат работодавач.
Избраните кандидати ќе поминат обука во времетраење до (3) месеци и истата ќе се спроведува во работните простории на работодавачите согласно Програма за обука предложена од страна на работодавачите. На учесниците во обуката ќе им се издаде потврда за спроведената практична обука.
На невработеното лице учесник во мерката ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 9.000,00 денари месечно, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионален болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката до 3 месеци.
Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50 % од вклучените лица во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. На корисниците на паричен надоместок ќе им продолжи правото на паричен надоместок во тек и до завршување на обуката.
Доколку сте заинтересирани, можете да се пријавите во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, каде редовно се евидентираат како невработени лица секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Огласот ќе трае од до 28.02.2022 година, освен за лица корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), за кои огласот останува отворен. Заинтересираните невработени лица кои се ГМП корисници можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат.
2. Обуки за побарувани занимања
Оваа мерка е наменета за евидентирани невработени лица кои се корисници на гарантирана минимална помош кои се заинтересирани за учество во обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот.
Обуката ќе се реализира во период од 2 месеци, а по завршување на обуката кандидатите ќе изведуваат секојдневна практична работа во реални услови кај работодавачи во времетраење од 1 месец. Доколку спроведувачите на обука се приватни компании (работодавачи) практичната работа во времетраење од 1 месец може да се изведува кај истата приватна компанија (работодавач).
Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од 9.000,00 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката.
Обуките ќе се спроведуваат од страна на верификувани спроведувачи на обуки, а се однесуваат на следните занимања и градови:
-
Негувател/ка на деца - Кавадарци, Штип, Струмица, Струга, Крушево, Битола, со завршено минимум средно образование,
-
Негувател/ка на стари и немоќни лица - Битола, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Охрид, Струмица, Скопје, Штип, Дебар, Кочани, Крива Паланка, со завршено минимум основно образование,
-
Личен асистент на лица со попреченост - Куманово, Велес, со завршено минимум средно образование,
-
Педагошки помошник за ученици во основно образование – Скопје, со завршено минимум средно четиригодишно образование,
-
Службеник во сметководство / книговодство - Кавадарци, Струмица, Куманово, со завршено минимум средно образование,
-
Фризер - Гостивар, Куманово, Скопје, Струмица, Тетово, Штип, со завршено минимум основно образование,
-
Шминкер - Скопје, Струмица, Штип, Тетово, со завршено минимум основно образование,
-
Слаткар – Гостивар, со завршено минимум основно образование,
-
Готвач – Велес, со завршено минимум средно образование,
-
Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин – Кочани, со завршено минимум основно образование,
-
Заварувач - Куманово, Тетово, Штип, со завршено минимум основно образование,
-
Собирач на секундарни суровини – Скопје, со завршено минимум основно образование,
-
Дигитален маркетер - Скопје, Куманово, Битола, со завршено минимум средно образование,
-
Оператор за графички и веб дизајн - Куманово, Битола, со завршено минимум средно образование и
-
Шивач - Куманово, со завршено минимум основно образование.
Невработените лица кои ќе ја завршат обуката, практичната работа и успешно ќе го положат предвидениотиспит, ќе се стекнат со Сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обука пропишан од Министерство за образование и наука.
Вклучените евидентирани невработени лица кои се корисници на гарантирана минимална помош или користат право напарична помош од социјална заштита или паричен надоместок, за времетраење на обуката не го губат ова право.
При селекција на пријавените кандидати во обуките предност ќе имаат невработени лица кои предходно не биле вклучени во оваа мерка.
Заинтересираните невработени лица корисници на гарантирана минимална помош можат да го изразат својот интерес и/или да поднесат поднесат Пријава во Центарите за вработување, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот, најдоцна до 31.01.2022 година.
3. Шеми за практиканство наменети за млади лица (до 29 години)
Практикантство се одвива во период до 3 (три) месеци кај работодавачи за стекнување на одредени практични знаења и вештини. Оваа мерка се наменета за невработени лица корисници на гарантирана минимална помош до 34 години, со минимум завршено средно образование кои немаат работно искуство согласно образованието.
За секој кандидат кој ќе биде избран и вклучен во мерката Практикантство, се предвидува финансиска поддршка во износ од 9.000,00 денари месечно (со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход) за периодот за кој се извршува практичната обука, до 3 месеци. Кандидатите кои ќе бидат вклучени во мерката за време на практичната обука не го губат правото на ГМП (гарантирана минимална помош).
Можете да се пријавите во работните клубови на центрите за вработување до пополнување на планираниот опфат. Огласот е отворен до крајот на годината, 31.01. 2022г. Прочитајте повеќе за активните мерки на Агенцијата за вработување на следниот линк.
До крајот на март секоја година Агенцијата за вработување ги објавува мерките од Оперативниот план за тековната година на својот веб сајт. Таму се објавуваат и мерките од Гаранцијата за млади, па очекувајте повеќе информации на https://av.gov.mk/.